ВНИМАВАЈТЕ ОД 1 ЈАНУАРИ: „Безбеден град“ ќе „лови“ сообраќајни прекршоци во три града
Системот „Безбеден град“ е замислено да функционира во цела државa, но за почеток ќе почне со имплементација во Скопје, Тетово и Куманово.
Казна затвор и трајно одземање на колите се дел од казните од проектот „Безбеден град“, со кој преку камерите на улиците ќе се регистрираат прекршоци. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска кажа дека проектот ќе почне да функционира од 1 јануари 2026 година.
„Пред формално да почне со употреба, најмалку еден месец претходно ќе почнеме со тест период во кој граѓаните ќе бидат информирани дека сториле прекршок, а казни ќе се пишуваат од 1 јануари 2026. Работиме интензивно на промена на законите, вчера во собраниска комисија беше на прво читање Законот за безбедност во сообраќајот, а во наредниот период ќе се стават во собраниска процедура уште пет-шест закони“, рече Тошковски.
Тошковски се надева дека од 1 јануари камерите ќе функционираат и на Коридор 8 и Коридор 10, а до средината на 2026 да биде покриена целата територија на Македонија.
