Внимавајте на лажни интернет страници - Македонци наседнале и купувале авиобилети
Деновиве актуелна е појавата на се поголем број спонзорирани објави (реклами) на Facebook од страна на лажни интернет продавници кои се декларираат како застапници на познати светски брендови (како Wizz Аir и сл.) а со цел собирање на податоци за вашите платежни картички и нивна понатамошна злоупотреба.
Стопанска банка ги повикува клиентите на внимателност при користење непознати интернет страници како и да внимаваат на името на страницата пред да внесуваат лични податоци и податоци од платежните картички.
„Доколку се сомневате дека сте ги споделиле вашите податоци и податоците од картичката со лажна интернет продавница јавете се во нашиот 24/7 контакт центар на (02)3100 109 со цел блокирање на картичката и спречување на понатамошна злоупотреба на вашите средства“- наведуваат од банката.
Граѓани вчера масовно купувале авионски билети од лажна интернет страница, а кога сфатиле дека станува збор за измама се јавувале во банките да им ги блокираат картичките.
На социјалните мрежи се појави лажна интернет страна со слично име како нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ на која пишува дека нудат два авионски билети само за еден долар. Оваа промоција, како што стоеше на сајтот, е во рамките на одбележување на 15-годишнината на авиокомпанија.
