Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВНИМАВАЈTE: „Безбеден град“ од утре ќе „лови“ прекршоци и ќе казнува

ВНИМАВАЈTE: „Безбеден град“ од утре ќе „лови“ прекршоци и ќе казнува

Примената на системот „Безбеден град“ почнува утре. Станува збор за интегриран техничко-информациски систем кој преку камери и софтверски алатки ќе ги регистрира прекршоците во сообраќајот, без потреба од директно присуство на полициски службеници на терен.

Во првата фаза, ќе санкционира четири видови прекршоци: пречекорување на дозволената брзина, минување на црвено светло, управување возило со истечена регистрација и непрописно запирање или паркирање. Камерите поставени на клучни сообраќајници и раскрсници автоматски ќе го регистрираат прекршокот, ќе ја идентификуваат регистарската табличка и ќе ја процесираат снимката преку централен систем за верификација.

Откако прекршокот ќе биде утврден, сопственикот на возилото ќе добие известување за сторениот прекршок, со фотографски доказ, време и локација на настанот, како и соодветна прекршочна санкција. Постапката е целосно дигитализирана, а човечкиот фактор е сведен на минимум, со цел да се избегнат селективност, субјективност и можни злоупотреби.

Казните за прекршување на брзинскиот лимит се определуваат според тоа колку километри на час е надмината границата:

-до 20 km/h над дозволеното: 20 евра во денарска противвредност

-од 20 до 30 km/h: 45 евра

-од 30 до 50 km/h: 300 евра и забрана за управување со возило од 3 до 12 месеци

-над 50 km/h: 400 евра, 4 казнени поени и забрана за управување најмалку 12 месеци

Во населено место, казните се построги и може да достигнат 500 евра со задолжителна забрана за управување.

Системот автоматски санкционира минување на црвено светло со:

-250 евра парична казна

-забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месеци

Доколку прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода, се применува и кривична одговорност.

За возење со истечена сообраќајна дозвола:

-100 евра казна за возачот

-250 евра казна за сопственикот, ако е друго лице

Системот автоматски проверува преку регистрите на МВР.

Казни за непрописно запирање или паркирање:

-30 евра за стандардни прекршоци

-45 евра ако возилото го попречува сообраќајот

-50 евра ако возилото е паркирано на место за лица со попреченост

-Во случаи каде што возилото претставува ризик, се применува и подигнување со пајак-служба со дополнителни трошоци.

Ако казната се плати во рок од 8 дена, сторителот плаќа само 50 отсто од износот. По истекот на рокот, казната се наплатува во целост, со можност за присилна наплата.

Слично

Поврзани вести