Вмровските градоначалници од денеска ги фаќаат фотелјите
Дарко Костовски, новиот градоначалник на Општина Бутел, денеска го доби уверението на Општинската изборна комисија и седна во градоначалничката фотелја на местото на Велимир Смилевски, кој ја предаде функцијата.
Костовски истакна дека од денес е во служба на граѓаните и дека сите заеднички ќе зачекориме кон модерна, безбедна и просперитена Општина Бутел. Истовремено уверенија им беа доделени и на новоизбраните советници каде мнозинството од десет советници го има ВМРО ДПМНЕ.

Иван Јорданов, кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ за Штип, кој победи уште во првиот круг од локалните избори, денеска официјално ќе ја преземе функцијата и ќе биде првиот од опозицијата кој ќе стане нов градоначалник.
Како што е најавено во агендата, предвидено е напладне Јорданов да го добие Уверението од страна на Општинска изборна комисија, а во 12:30 часот ќе се изврши примопредавањето на функцијата во Кабинетот на Градоначалник на Општина Штип.
„Јорданов ќе присуствува на литургија во црква Успение на Пресвета Богородица во Ново Село, а потоа ќе пешачи од Ново Село до Општина Штип со неговиот тим“, предвидено е во агендата.
По првиот круг 29 општини добија градоначалници, од кои кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ победија во 22.
A.K.