ВМРО-НП ЗА БУГАРСКОТО ДРЖАВЈАНСТВО НА БОЖИНОВСКА: Вака само ќе ја потврдиме тезата дека сѐ што е бугарско во Македонија се „шиканира“
Oд ВМРО-Народна партија на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски велат дека со внимание ја следат дискусијата околу бугарскиот пасош на министерката за енергетика Сања Божиновска и забележуваат дека таа под притисок на нејзините сопартијци и колеги во партијата има поднесено барање за откажување од бугарското државјанство.
„ВМРО-Народна партија смета дека владејачката структура многу повеќе ќе ѝ помогне на Република Северна Македонија доколку министерката го зачува државјанството и пасош, со тоа ќе ја побие тезата на сите оние кои критикуваат дека во Македонија не може да функционираат Бугари на високи државни функции, а напротив вака само ќе ја потврдиме тезата дека сѐ што е бугарско во Македонија се „шиканира“, нагласуваат од ВМРО-НП.
Партијата додава дека е индикативно што никој не реагира на српското државјанство и пасош на вицепремиерот Иван Стоилковиќ, а со тоа „само се зацврстува фактот дека во нашата Македонија масовно се применуваат двојни стандарди и дека водиме двојна политика кон етничките заедници во нашата држава“. Министерката Божиновска во изјава за Канал 5 пред четири дена призна дека имала бугарски пасош. Објасни дека постапката за отпуст од бугарско државјанство била финализирана. Бугарски политичари во минатото тврдеа дека во земјава има функционери кои поседуваат бугарски пасоши.
