ВМРО-НП ќе го поддржи Бочварски во вториот круг во Штип
Во вториот круг на локалните избори што ќе се одржат на 29 октомври, ВМРО Народна партија ќе го поддржи кандидатот за градоначалник на СДСМ за општина Штип, Благој Бочварски.
Ова денеска во Штип го најави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„Она што во вториот дел на изборите е новина, ние сме засилени со ВМРО Народна партија. Заедно со нас е Никола Тасев, членот на извршниот комитет на Народна партија. Коалицијата е потврдена на централно ниво, заедно стоиме во таа коалиција“- рече Заев.
Тој верува дека со поддршката од граѓаните, симпатизерите, поддржувачите на ВМРО Народна партија, ќе ја зголемат разликата во гласови во вториот круг.
Тасев рече дека како партија не учествуваат на локалните избори, но во текот на кампањата препознале дека проектите во програмата на коалицијата предводена од СДСМ можат да се реализираат и се потребни за граѓаните.
Разликата во првиот круг меѓу Бочварски и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Илчо Захариев во првиот круг беше 36 гласа.
