ВМРО-НП: Граѓаните да ги бојкотираат концертите на музичките групи од поранешна Југославија
ВМРО-НП на екс премиерот Љубчо Георгиевски повика на бојкот на концертите на музичките групи од поранешна Југославија.
Економската комисија на ВМРО-Народна партија констатира дека во последната година имаме драстично поскапување на музичките услуги, а со тоа како на концертните така и на билетите по дискотеките на сите музички групи од поранешна Југославија кои доаѓаат во нашата држава и притоа ги преполнуваат дискотеките и концертните сали.
„Така на пример само за настап во дискотека на група или пејач поединец од бивша Југославија цената се движи околу 30.000 евра. Предлагаме кон општиот бојкот на потрошувачите на македонските маркети да се додаде и бојкотот на сите овие настапи, со што на тој начин македонскиот потрошувач не само што ќе заштеди лично повеќе средства, туку и ќе ѝ помогне на македонската музика, а и на македонската економија во целина“, соопшти ВМРО-НП.
И претходно имало критики во јавноста дека пејачите од бившите југословенски држави добиваат високи хонорари за настапите во земјава, што не е случај со домашните пејачи. За Нова година и многу други прослави во Македонија, настапуваа естрадни ѕвезди од регионот. Дури имаше и случаеви кога македонските пејачи се жалеа дека не биле исплатени за настап на Нова година во Скопје.