ВМРО-ДПМНЕ заедно со Алијанса и Алтернатива против Спасовски со интерпелација
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, денеска во изјава за медиумите рече дека најголемата опозициска партија ќе ја поддржи иницијативата на коалицијата помеѓу Алијансата за Албанците и Алтернатива за интерпелација во Собранието против министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по дводневното бегство на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Мицкоски вели дека постојат многу аргументи зошто „да замине најнеспособниот министер за внатрешни досега“и дека се надева дека ќе имаат мнозинство во Собранието да ја изгласаат интерпелацијата.
„Ако институциите затаиле, требаше да има одговорност. Почнувајќи од него, па до тие што стоеја таму до него и кои што клатеа со главите додека тој зборуваше. Ниту одговорност видовме, ниту ќе видиме. Зошто? Затоа што сите се влезени во ортаклук. Криминална мафија владее со Македонија“, рече тој.
СДпасовски денеска беше присутен во Собранието каде одговараше на пратенички прашања, и повторно демантираше дека имало договор со Мијалков за да му прогледаат низ прсти.
„Апсолутно, тезите што сега се покренуваат дека некој нешто договарал со некого за одреден случај, мислам дека се демантираат една по друга или се исклучуваат една од друга. Ако некој со некого се договарал, за што се договарал, да избега или да се врати повторно пред лицето на правдата, кој е тој договор што е правен и со кого бил правен? Никакви договарања нема и нема да има со било кого, а секој еден што носел какви било одлуки спротивни на закон, спротивни на интересите на граѓаните и на државата, треба во секој момент да излезе пред лицето на правдата и да понесе одговорност“, рееч Спасовски.
