ВМРО-ДПМНЕ за скапиот часовник на Давос: Мицкоски има добро заработено пред да биде премиер
Информацијата на компанијата IFL Watches за вредноста на часовниците на 20 лидери на НАТО повторно на дневен ред го постави прашањето за тоа колку е богат премиерот Христијан Мицкоски, каков имот има, кога го заработил и како.
IFL Watches вели дека Мицкоски има часовник IWC вреден 6.900 долари. И дека е меѓу поскапите кај лидерите на НАТО. Најевтин има норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе – „Своч“ вреден 84 долари.
Премиерот Христијан Мицкоски носи рачен часовник од марката „ИВЦ Портофино“, чија вредност се проценува на околу 6.900 долари, покажува анализата на фејсбук-страница за љубители на часовници, за часовниците што ги поседуваат лидерите на земјите членки на НАТО.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека не е никаква тајна дека нивниот партиски претседател пред да влезе во политиката работел во бизнис секторот, конкретно во делот на енергетиката, каде што соработувал со познати светски фирми.
„Не е никаква тајна тоа дека претседателот Мицкоски пред да влезе во политиката има работено во бизнис секторот во делот на енергетиката, нешто кое што тој самиот го има јавно говорено, каде што со познати светски фирми има соработувано и има добро заработено. Тоа е се до моментот пред да влезе во политиката, каде што престанува со било каков вид на бизниси и работење за приватни фирми. И што е најважно, се е чесно, транспарентно и до детал објаснето за неговите примања што ги имал. Е ова е разликата помеѓу претседателот Мицкоски и Филипче и Заев. Тоа што овие двајца од СДС од голтари станаа милионери со помош на власта, а претседателот Мицкоски има заработено чесно и на лесно проверлив начин може да се види како заработувал“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
