ВМРО-ДПМНЕ ЗА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА: Со Јанева палеа и гасеа, одеа по облаци, а сега сфаќа дека правда ќе има
Нарекувајќи ја десна рака на Катица Јанева, ексшефицата на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО), од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Ленче Ристоска доцна сфатила оти во државата доаѓа правдата.
„Додека со Јанева делеа и множеа, и палеа и гасеа, и додека одеа по облаци, каде едната од нив во раката имаше чанта ‘луј витон’ и откако после повеќе од 10 години таа не заврши ниеден од споменатите случаи, кокетирајќи со кого ќе ѝ дојде на ум, праќајќи абери и до ВМРО-ДПМНЕ, сега сфаќа дека правда во оваа држава ќе има, и мора да има, без разлика дали на Заев му се допаѓа тоа или не. И без разлика на нејзината лојалност кон кого било“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Дилемата што се наметнува, велат од партијата, е зошто Ристоска ако била обвинител со вредности и критериуми не се обидела да провери барем една од стотиците индиции на ВМРО-ДПМНЕ за сторен криминал на претходната власт на СДСМ и ДУИ.
„Ако беше Ленче Ристоска обвинител со вредности и критериуми и личност која не е врзана со СДС и Заев, ќе имаше барем еден случај со кој ќе го докажеше тоа. Ќе имаше барем еден случај со кој ќе докажеше дека сака правда или, ако ништо друго, ќе се обидеше да провери барем една од стотиците наши индиции за сторен криминал на претходната влада на СДС и ДУИ. Наместо да ги амнестира оние што ја направија обвинител во СЈО, СДС и ДУИ, и да глуми жртва, апелираме до неа да сфати дека моралот не е само збор, туку е во својата суштина однесување и дејствување. Дела, а не зборови. Нејзините зборови ќе имаа поголема смисла ако зад нив имаше дела“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата се осврнуваат и на предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, кои на Ристоска ѝ беа одземени од новиот државен јавен обвинител Ненад Савески, со образложение дека по нив треба да постапува обвинител од надлежно обвинителство, а не од друго, кој со решение на негов претходник му било додадено овластување да ги води.
Според партијата, предметите се држеле толку долго кај Ристоска без да има некаков епилог за да може да се држи ВМРО-ДПМНЕ уценето.Предметите „Талир“, велат од ВМРО-ДПМНЕ дека му се предадени на обвинител од обвинителство кое има стварна надлежност над нив, наместо да се заради каква било, а веројатно и партиска подобност држени надвор од секоја логика кај Ристоска.
