ВМРО ДПМНЕ ВО ОПОЗИЦИЈА: Груевски го спрема членството за мирен трансфер на власта!
ВМРО ДПМНЕ извесно е дека заминува во опозиција. Високу партиски, но и дипломатски извори ја потврдуваат оваа вест. Според информации на „Фактор“ на седница на извршниот комитет, одржана завчера вечер лидерот на партијата Никола Груевски им објаснил на сопартијците дека заминуваат во опозиција, побарал од носителите на јавни фунцкии да ги остават печатите без проблеми.
Дали како потврда на овие информации, може да се толкува вчерашниот ден кога Талат Џафери и официјално го презеде кабинетот на претседателот на Собранието на Македонија. Примопредавањето се извршило во, како што се вели, нормална демократска процедура.
Тој, како што беше соопштено „работниот ден го почнал во својот кабиент“. Џафери заедно со членовите на својот кабинет и со собраниските служби ги презема сите оние формално-административни работи за нормално функционирање и вршење на функцијата претседател на Собранието“ – велат од неговиот кабинет. Собраниската администрација доставила барање до „Службен весник“ за објавување на одлуката за избор на Џафери за претседател на Собранието.
Пратениците од ВМРО ДПМНЕ вчера речиси и да ги немаше во Собранието.
Груевски - уморен сум веќе?
Според информации на Фактор – партиски извори брифираат дека Никола Груевски завчера им порачал на сопартијците дека наводно е уморен веќе, дека речиси и не може да наиде на пријателски однос од меѓународната заедница, дека сите врати веќе им се затворени и дека партијата од средината на мај оди во опозиција. Партиски и дипломатски извори брифираат дека нема да биде изненадување и доколку се случи Груевски да се повлече од партиските активности, конкретно од лидер на партијата, и тоа уште на следниот конгрес.
Заев: Наскоро почнуваме со преговорите за формирање на новата влада
Централниот одбор на СДСМ синоќа едногласно ги поздрави достоинственоста, храброста и мудроста на чекорите и политиките на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на раководството на партијата и на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, што резултираат со отворена можност за формирање на новата влада на Македонија, соопшти партијата.
„Многу скоро, очекувам да влеземе во преговори за формирање на новата влада. По 11 години режим, СДСМ ја доби честа и одговорноста од граѓаните даја предводи новата демократска, реформска влада на заедничка, унитарна, европска Република Македонија, која ќе обезбеди квалитетен живот за сите граѓани. Наш приоритет остануваат граѓанските и државните интереси, ве повикувам да ја продолжиме сериозната посветеност кон овие клучни цели“, рече Заев.
На синоќешната седница на Централниот одбор на СДСМ едногласно е утврден датумот на редовниот 22. Конгрес на СДСМ, се вели во соопштението.
ВМРО ДПМНЕ: ЦК го осудува нелегалниот избор на претседател на Собранието
Во партиското известување од ВМРО ДПМНЕ, се вели дека централниот комитет на ВМРО ДПМНЕ го осуди нелегалниот обид за избор на Претседател на Собранието кој што претставува насилство врз институциите, пред се уставот, законите и пропишаниот деловник.
Непочитувањето на Уставот е непочитување на државата Република Македонија и може да претставува опасен вовед во нова пракса на девалвирање на државата и институциите. Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го осуди и шверцерското и нелегално постапување на пратениците Горан Мисовски и Ферид Мухиќ кои со своите незаконски дејствија испратија провокација кон граѓаните на Македонија и тие за ваквото однесување мора кривично да одговараат.
Само строгото казнување на ваквото антидржавно однесување ќе спречи да се повторува газењето врз Уставот и законите. За централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ обидот за воспoставување на нелегални институции би направило преседан кој во иднина може да се злоупотреби, и да стане вообичаена пракса и на тој начин да се суспендира волјата на граѓаните изразена на изборите. Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ испраќа апел до СДС и нејзиното раководство јасно, недвосмислено и во целост да се откаже од Тиранската платформа, создадена, промовирана и прифатена во соседна држава.
Р.Ф
