Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВМРО-ДПМНЕ вели Заев не кажал на која држава е премиер, за СДСМ процесите се откочени

ВМРО-ДПМНЕ вели Заев не кажал на која држава е премиер, за СДСМ процесите се откочени

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ја поздрави средбата меѓу премиерите Зоран Зоран Заев и Алексис Ципрас и смета дека директните контакти на двајцата премиери може да придонесат за продлабочување на односите и градење на позитивна клима меѓу двете земји.

Велат дека не гледаат иредентизам во имињата на аеродромот и автопатот кои премиерот Заев најави дека ќе ги менува.

ВМРО-ДПМНЕ наведува дека македонските граѓани на вчерашната прес-конференција слушнале многу работи, но не слушнале на која држава е премиер Зоран Заев, а не слушнале ниту на кој јазик говори или на кој народ му припаѓа.

„Во овој момент ВМРО-ДПМНЕ нема никаква информација за процесот на преговори околу проблемот кој што соседна Грција го има со нашето име. Оттаму, не знаеме дали најавите на Зоран Заев за преименување на аеродромот и автопатот се дел од некоја поширока стратегија за која што јавноста не е информирана или пак станува збор за едностран чекор на актуелната Влада на Република Македонија. Доколку е во прашање некаква стратегија, граѓаните очекуваат да бидат информирани за придобивките, а доколку станува збор за второто легитимна е загриженоста дека земјава прави еднострани отстапки, а не добива ништо“- објаснуваат од партијата.

СДСМ со писмено соопштение реагира на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

„За разлика од политиките на поделби, изолација и создавање проблеми што ги промовираше ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години, СДСМ, преку Владата што ја предводи,спроведува политики на соработка, пријателство и меѓусебно почитување коишто обезбедуваат унапредување на односите со соседите, зајакната регионална и меѓународна позиција на Република Македонија. Откочените процеси, соопштени јавно по вчерашната средба на премиерите на Република Македонија, Зоран Заев и Република Грција, Алексис Ципрас, носат придобивки за Република Македонија и сите нејзини граѓани. Преку јавни изјави, граѓаните, јавноста, беше точно и навремено информирана за овие придобивки за Република Македонија, како што е деблокадата на процесот на стабилизација и асоцијација на Македонија со ЕУ (блокиран во 2009 година), можноста за отворање на нов граничен премин со Република Грција, како и идно членство на Република Македонија во Јадранско-јонската иницијатива. Со преминувањето во втората фаза на Спогодбата за асоцијација и стабилизација на Република Македонија со Европската унија се отвора и можноста за реализирање на клучните цели: приближување кон пристапните преговори, пристап до структурните и кохезивните фондови“ - додаваат од СДСМ. 

Македонија како членка на Јадранско-јонската иницијатива би добила можност да ја продлабочи билатералната соработка со другите членки, и дополнително, во уште еден регионален форум да ги афирмира своите позиции со што ќе ја подобри својата позиција во однос на приоритетите во меѓународната соработка и евро-атланската интеграција.

Дополнително, деблоката на овие процеси од страна на Република Грција за Република Македонија значи поголема поврзаност со ЕУ и значајна регионална соработка во областа на турзимот, енергетиката, сообраќајот и заштита на животната средина.

Слично

Поврзани вести