ВМРО-ДПМНЕ со предлог за решавање на ситуацијата со локалната власт
ВМРО-ДПМНЕ нема мнозинство во Собранието, но затоа имаме предлог решение за оваа сложена ситуација.
Ова го изјави пратеникот Антонијо Милошоски во името на партијата .
„Го повикуваме парламентарното мнозинство веднаш да створи услови за распишување на локалните избори и да го овозможи работењето на советите на општините и на градоначалниците во овој меѓу период.
Ние како партија сметаме дека граѓаните треба час поскоро да добијат можност да ја изберат новата локална власт и предлагаме локалните избори да се одржат во најбрзо можно време, согласно законски предвидените рокови, односно првиот термин кој сметаме дека е соодветен за одржување на брзи локални избори во интерес на граѓаните и општините би бил 2 јули. Според нас овој датум е најдобар за граѓаните и со одржување на брзи локални избори сите ќе може сериозно да се фатат за работа и да почнат да испорачуваат резултати на локално ниво.
Доколку парламентарното мнозинство не е спремно за брзи локални избори во јули, вториот термин кој што е прифатлив е средината на септември, односно одржување на локални избори на 17-ти или 24-ти септември.
Доколку парламентарното мнозинство на СДС, ДУИ, БЕСА и Алијансата на Албанците не е спремно за избори во средината на септември, тогаш третиот датум кој што сметаме дека е соодветен е локални избори на 15-ти октомври.
Но напоменуваме дека секој подалечен рок за одржување на локалните избори би создал поголеми негативни последици за општините и би нанесол поголема штета на интересите на граѓаните по однос на локалната самоуправа. Секој обид неразумно да се одолговлекуваат локалните избори и да се блокира мандатот на општините, а со тоа и да се загрозат интересите на граѓаните би се толкувал како обид за бегање од избори, односно бегање од соочување со народот“, истакна Милошоски.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи секој предлог за кој што ќе се одлучи парламентарното мнозинство.