ВМРО-ДПМНЕ со нова одлука: Продолжуваат уличните блокади и оваа недела
ВМРО-ДПМНЕ на седницата на Извршниот комитет одржана викендов во Битола донесе одлука и денеска да продолжат протестите со блокада на улиците се додека не биде изнесен патоказот за преговори со Бугарија во јавноста.
Ваквата одлука е поради, како што информираат од партијата, спречување на националниот срам кој и се подготвува на Македонија од страна на Зоран Заев и неговите соработници.
Од таму бараат министерот за надворешни работи Бујар Османи да го покаже на македонската јавност документот кој го преговараат со Зоран Заев.
-Се додека на тајни преговори се подриваат македонските национални интереси, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да протестира заедно со граѓаните на Република Македонија. Протестите продолжуваат денес од 17:00 часот пред МНР во Скопје, објави ВМРО-ДПМНЕ.
