ВМРО ДПМНЕ со манифест предлага попис за олеснување на меѓуетничкиот дијалог
Партијата на Никола Груевски денеска објави Манифест за како што велат единствена Република Македонија.
Членовите на извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ Антонијо Милошоски, Никола Попоски и Илија Димовски во улога на говорници ја запознаа јавноста со она што веќе таа убаво го знае.
Ветувања за правна држава, економски напредок, владеење на правото, добрососедска политика беа дел од нештата кои тројцата функционери на партијата на екс премиерот ги соопштија со цел како што велат обединувачка замисла за државата.
Нивната мисија според манифестот е да обезбедат иднина на народот во демократска, унитарна, политички стабилна, праведна, напредна и пазарно ориентирана држава - Република Македонија, каде претприемништвото е движечка сила, а ние сме сплотени како дел од нашето пошироко Европско семејство.
ВМРО-ДПМНЕ преку овој манифест предлага преку дијалог, отворените прашања да се решаваат во институциите, за како што се вели, најефикасна заштита од надворешните влијанија предлага да се создаде долгорочна политичка стабилност со измена на изборниот систем, а за олеснување на меѓуетничкиот дијалог, ВМРО-ДПМНЕ предлага попис на населението според стандардите на Еуростад или ООН.
Во објавениот манифест партијата на Груевски уверува дека македонскиот јазик овозможува интеграција на сите граѓани во едно општество без разлика на нивното потекло и дека обврска и богатство за сите е промовирањето на албанскиот, турскиот, ромскиот, српскиот и другите јазици.
