ВМРО-ДПМНЕ СЕ ЛУТИ НА КОМЕНТАРОТ НА ПЕНДАРОВСКИ: Го нарекоа озборувач
ВМРО-ДПМНЕ го нарече „озборувач“ поранешниот претседател Стево Пендаровски кој рече дека Македонија не требаше да се истрчува со поддршката за американскиот претседател Доналд Трамп и да биде коспонзор на резолуцијата за Украина.
„Социјалдемократскиот сојуз си го покажа вистинското лице и на планот на меѓународната политика на државава. Освен нивните аналитичари, сега и Стево Пендаровски кој воедно е и поранешен претседател на државата предложен од таа партија, кој на последните избори изгуби со историски низок резултат, покажа дека е против стратешкиот партнер на Македонија-САД“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, ова говори дека „СДСМ и на планот на меѓународната политика лажеле дека САД е стратешки партнер или дека сега целосно забегале“. Според нив, Пендаровски влегол и во зоната на недозволено однесување кога станува збор за дипломатија и меѓународна политика.Инаку, Пендаровски нагласи дека постапката на власта е аматеризам и дека Македонија е мала земја, која не требала да се истрчува со ставови.
