Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВМРО-ДПМНЕ ПРОТЕСТИРАШЕ ПРЕД МЗ И БАРАШЕ ОСТАВКА ОД ФИЛИПЧЕ - министерот им возврати, ви пречи успешната вакцинација

ВМРО-ДПМНЕ ПРОТЕСТИРАШЕ ПРЕД МЗ И БАРАШЕ ОСТАВКА ОД ФИЛИПЧЕ - министерот им возврати, ви пречи успешната вакцинација

Со транспаренти „Колку ја чини Филипче Македонија? 4000 мртви“, „Министерство за провизии", "Заев корона профитер", "Филипче оставка", опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторно излезе на протест пред Министерството за здравство.

Протестот беше со цел да го изразат незадоволството од начинот на кој Владата се справува со ковид-кризата, а беше под мотото „Да го измиеме срамот на Филипче и Заев“, а присутните го демонстрираа тоа со фрлање на балони полни со вода.

Претседателот на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Нелоски, побара оставки од владините претставници и им забележа на присутните претставнитици на Министерството за внатрешни работи, дека наместо да го обезбедуваат протестот, требало да ги ловат нарко босовите.

„Поздрав за припадниците на МВР, кои наместо да одат и да ловат нарко босови и шверц на дрога ги натерале да бидат тука и да го чуваат Венко. Од што се плашиш Венко? Тука сме четврта сабота за да им порачаме да дадат оставка, а им ја бараме затоа што не им текнува, а ако дадат оставка ќе го немаат хиликоптерот да се провозат, нема да им се затвораат планини за да се возат со моторни санки или да им затвораат автопати за да се возат со скапите мотори. Минатата сабота се обидовме да го измиеме срамот и стигнаа пораки зошто со толку малку балони вода сме го миеле срамот, па велам ако они прават симулација на вакцинирање ние можеме да пробаме симулација на миење на срамот“, рече Нелоски.

Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова го прозва министерот за здравство Венко Филипче упатувајќи му критики дека секторот кој го води лошо го менаџира.

„Вашата неспособност за менаџирање го загрозува здравјето на обичниот граѓанин, па денес во Македонија имаме рекордна смртност од 4 108 луѓе како последица на ковид, според вчерашниот извештај на Економист, Македонија се наоѓа на трето место по смртност во светот. Полоши сме и од Италија во моментов“, рече Панова.

Ова е четврта сабота по ред за протестите организирани од опозиционерите од ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за здравство.

А на протестот реагираше Министерството за здравство. 

Оттаму велат дека ВМРО ДПМНЕ се потсмева со вакцинацијата на возрасните граѓани, задравствените работници, полицајците, армијата, учителките, воспитувачките ...

„ВМРО ДПМНЕ не може да се помири со фактот дека вакцинацијата на територија на цела држава се одвива без никаков проблем. Вакцинацијата во време на светска пандемија е сериозен здравствен процес, колку тоа на ВМРО ДПМНЕ да им наликува на „преправање“ (симулација). Тажно е што опозициската партија безидејно обидувајќи се да профитира политички се потсмева со вакцинирањето на лицата со најголем ризик од заболување, односно возрасните граѓани постари од 76 години. ВМРО ДПМНЕ се потсмева со  вакцинирањето на здравствените работници, полицијата, армијата, наставничките, негувателките, воспитувачките во граднинките, возачите во ЈСП, се потсмева со вакцинирањето на луѓето кои се дел од критичната инфраструктура во државата, со чија вакцинација, се овозможува непречено функционирање на општеството. ВМРО ДПМНЕ не може да се помири со фактот за беспрекорната организација на масовната имунизација во А1 СЦ „Борис Трајковски“. На ВМРО ДПМНЕ му пречат насмеани лица на граѓани по вакцинација, на опозицијата и сметаат позитивните коментари од граѓаните кои ја примиле вакцината. ВМРО ДПМНЕ во време на пандемија прави само штета. Во време на рестриктивни мерки, полициски час, одлучија да се групираат и да протестираат. Жалиме што опозицијата од почетокот на пандемијата не придонесе со ништо за заштита на здравјето на граѓаните“, се вели во реакцијата од Министерството за здравство.

Слично

Поврзани вести