ВМРО-ДПМНЕ: Предложените измени и дополнувања претставуваат погубни акробации на Заев
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нема да учествуваат во собраниската дебата за Кривичниот законик, затоа што како што велат, со тоа се урива правната држава. Координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски, вели дека предложените измени и дополнувања претставуваат погубни акробации на премиерот, Зоран Заев и СДСМ.
„Зоран Заев преку ова решение тргува со правото и правната држава. Многу од предложените норми се противуставни, спротивни на функцијата и намената на законот и просто нелогични и апсурдно бесмислени. Вакво нешто не е запаметено во политичката јавна сцена“, вели Мицевски.
Собранието ја усвои потребата од донесување на измени на Кривичниот законик по скратена постапка. Предлагачи на измените се неколку пратеници од владејачкото мнозинство. Но, од дневен ред беше тргнат членот 353 од Законот, според кој се обвинети или осомничени десетици луѓе во предметите на СЈО.
