Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВМРО-ДПМНЕ поднесе 2.000 амандмани, Министерството за одбрана реагираше дека тоа е блокада за отпремнина на војниците

ВМРО-ДПМНЕ поднесе 2.000 амандмани, Министерството за одбрана реагираше дека тоа е блокада за отпремнина на војниците

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата поднесе околу 2000 амандмани на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, на што Министерството за одбрана остро реагираше дека опозицијата сака да ги блокира планираните новини за отпремнината и пензионирањето на војниците.

- Нашите барања и суштински забелешки преточени во амандмани на овој Предлог закон се јасни и конкретни. Имено, целта на нашите амандмани е подобрување на условите за пензионирање и давање на можност на активниот воен и цивилен персонал во Армијата да му престане работниот однос по сила на закон со остварување на право на пензија со навршување на 40 години стаж или со навршување на 55 години возраст. Доколку ова не биде на овој начин регулирано како што бараме, ќе се појави контрадикторност и ќе се изгуби смислата од потребата на бенифицираниот стаж, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Опозицијата бара да се изврши корекција во висината на пензијата и на воениот и на цивилниот персонал на кој од денот на формирање на Армијата до денот на влегување во сила на овој закон им престанал работниот однос согласно законите за служба во Армијата кои важеке во времето на остварување на правото на пензија. 

-  Во таа насока, потенцираме дека Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата нема да дозволи повторно да биде лажно обвинета за блокирање на Собранието или пак лажно обвинета дека е против Армијата на Република Македонија, против војниците и против подобрување на условите во Армијата. Нема да дозволиме пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да биде виновна за арогантноста и неспособноста на Владата, вели Стојаноски.

Од Министерствиото за одбрана истапија со реакција дека со поднесените 2 000 амандмани а измените на Законот за служба во Армијата кој има само 15 члена, ВМРО-ДПМНЕ покажува дека единствената намера е токму блокирање на Законот, а со тоа и блокирање на неколку одлични решенија за Армијата на кои чекаат многу нејзини припадници и нивните семејства, велат од таму.

„Имено, ВМРО ДПМНЕ со 2 000 амандмани ја блокира шансата за отпремнина од 1000 евра за секоја година помината на служба во Армијата на војниците со навршени 45 години возраст. Тоа е блокада на можноста за војниците по завршувањето на службата, да добијат отпремнина од околу 25 000 евра, што за прв пат ја предвидуваат овие измени на Законот. Тоа е блокада за новиот почеток на оваа категорија припадници на Армијата, кој тие и нивните семејства со нетрпение го очекуваа.

Потегот на ВМРО ДПМНЕ значи блокада и на подобрите услови на пензионирање за воените лица, на кои тие 11 години не помислија туку ги испраќаа во предвремена пензија под најнедостоинствени услови, како и блокада за можноста за стипендирање на дефицитарни кадри кои ќе значат многу за капацитетите на Армијата и ќе ја градат нејзината иднина.

2 000 амандмани значат јавно признание на ВМРО ДПМНЕ дека стои зад злоупотребата и партизацијата на Армијата, бидејќи блокираат законско решение со кое ставаме крај на злоупотребата на позицијата воено лице во партиски цели“, гласи реакцијата на министерството.


Слично

Поврзани вести