ВМРО-ДПМНЕ победи во Македонски Брод без половина од гласовите, независниот кандидат откажа учество во втор круг
Независниот кандидат за локални избори, Милосим Војнески, денеска објави дека ја повлекува својата кандидатура за градоначалник на Македонски Брод. Со тоа победник во оваа општина е Жарко Ристески од ВМРО-ДПМНЕ со 44,49 отсто од гласовите.
Се испостави дека Војнески изворно бил од ВМРО-ДПМНЕ, а во вториот круг со гласовите на СДСМ и Левица би можел да победи. Така ВМР-ДПМНЕ победува иак нема половина од потребните гласови во првиот круг, а истовремено во вториот нема да може да учествува никој на местото на Војнески.
„Ви благодарам од срце за големата поддршка што ми ја укажавте во првиот круг од локалните избори.
По бројните разговори со вас, мои сограѓани, одлучив да ја повлечам својата кандидатура.
Ги разбирам сите оние кои, поради различни причини, ги поделија своите гласови дури и во рамките на семејствата, и не би сакал дополнително да ги продлабочувам тие теми.
ВМРО-ДПМНЕ е мојата матична партија – партија на која и го посветив поголемиот дел од својот живот, уште од времето на осамостојувањето па се до денес.
Сметам дека најдобрата одлука, во интерес на моите сограѓани, е да се повлечам од оваа изборна трка.
Свесен сум дека оваа моја одлука за многумина ќе биде изненадување, но верувајте – ова е најдоброто нешто што можев да го направам за граѓаните на нашата Општина во овој момент“, објави Војнески.

