Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот Ковачки да биде технички министер за внатрешни

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот Ковачки да биде технички министер за внатрешни

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на својот став дека Драган Ковачки е најдоброто решение за технички министер за внатрешни работи во новата преодна Влада која треба да почне да функционира од трети јануари.

Тие сметаат дека толкувањето на Уставот од страна на СДСМ, партијата го прави парцијално, а не го гледа членот 23 од Уставот.

„СДСМ сака да избега од изборите и се плаши од професионализмот. Ние им порачуваме дека кога го толкуваат Уставот, да не го гледаат само парцијално, туку да го погледнат и членот 23 од Уставот“, велат за Фактор од најголемата опозициска партија. 

А во членот 23 од Уставот се нагласува дека „Секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции'“.

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека и во СДСМ воопшто немаат забелешки за личноста и професионализмот на Драган Ковачки, туку само посочиле на парцијален дел од Уставот.

Изборот на техничката Влада треба да се направи до трети јануари, а со оглед што денеска е последен ден од оваа година, сосема е извесно дека ова прашање ќе се затвора во новата година. 

А ВМРО-ДПМНЕ вчера за нов технички министер за труд и социјална политика ја предложи Рашела Мизрахи, инаку доктор на науки по биохемија на Универзитетот Бар Илан во Израел. Таа наедно била и Асистент на катедрата за Физиологија при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, Скопје. Предлог за заменик министер за финансии ќе биде Гордана Димитриеска Кочоска, која е магистер по економски науки на Универзитетот Св Кирил и Методиј, а моментално работи во приватна компанија како финансиски консултант во областа на контролинг и финансии. Работела заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кога тој бил генерален директор на АД ЕСМ. За нов заменик министер за земјоделие ќе биде предложен Цветан Трипуновски, поранешен пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, кој веќе е познат во јавноста со своите критики за земјоделските политики на актуелната власт. Тој е поранешен советник во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, а претходно од 2015та до 2017та година бил директор на Државниот земјоделски инспекторат. Номиниран кандидат за заменик министер за информатичко општество и администрација е Невенка Стаменковска Стојковски, актуелна пратеничка во Собранието.

За владејачката СДСМ се прифатливи сите предлози за министри и дополнителни заменици-министри во техничката влада, кои вчера ги објави ВМРО ДПМНЕ, а причината е што против нив немало никакви обвиненија.

Но, оттаму повторија дека не го прифаќаат името на Драган Ковачки како решение за министерското место во внатрешни работи. Затоа од СДСМ очекуваат Мицкоски до втори јануари да излезе со друг кандидат за оваа позиција.

Слично

Поврзани вести