ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема што да се слави
Од владејачката СДСМ, му порачаа на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека денеска пропуштил шанса да им се извини на граѓаните на Прилеп за, како што велат, сето нивно осиромашување, понижување од страна на ВМРО-ДПМНЕ, особено кон тутунарите.
„Токму тутунарите најдобро ја гледаат разликата помеѓу криминалното и расипничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ и одговорното и домаќинско управување на Владата предводена од СДСМ.За разлика од времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога просечната цена на килограм тутун изнесуваше помеѓу 180 и 190 денари, годинава беше постигната рекордна цена од 217,5 денари за килограм тутун, а субвенциите беа покачени на 60, 70 и 80 денари по килограм во зависност од класата.
Додека Македонија слави за историскиот успех, за членството во НАТО со сочуван македонски идентитет, Мицкоски се грижи само за одбрана на криминалот. Судбината на Никола Груевски му е најважна на Христијан Мицковски, дури повеќе и од членството во НАТО.
Единствено Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се одважија да им честитаат на граѓаните, а нивна главна политичка мисија е барањето за амнестија на криминалите направени од врвот на нивната партија.
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ треба да знаат дека амнестија нема да има за никого и секој што сторил каков било криминал ќе мора да одговора.
Наместо да измислува разно разни оправдувања ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски мора да го деблокираат формирањето на Државна изборна комисија. Тоа е предуслов за одржување референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за својата иднина.
Македонија оди напред без разлика на обидите за деструкција на ВМРО-ДПМНЕ.
Граѓаните нема да дозволат Мицкоски и деструктивните сили да ја закочат македонската иднина. Граѓаните велат ДА за влез во НАТО и почеток за преговори со ЕУ, граѓаните велат ДА за македонската иднина, велат од СДСМ.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвини премиерот Зоран Заев дека ја славел капитулацијата и тоталната продажба на името, идентитетот, јазикот и Уставот на нацијата.
Според партијата, тоа што Заев го претставувал сега како успех, граѓаните го добиле пред 10 години.
„Република Македонија ги има исполнето сите предуслови за влез во НАТО уште во 2008 година. Зоран Заев троши пари на граѓаните на еднодневна журка, за која нема ниту повод ниту причина. Овој настан ќе остане запаметен во историјата на државата како прослава за промената на името. Додека Заев ниже порази и понижувања за Република Македонија на меѓународен план, државата се распаѓа одвнатре поради неспособноста на СДСМ. Економијата тоне, здравството колабира, земјоделието е уништено, образованието разрушено, младите немаат перспектива.
СДСМ се што вети излажа и донесе само порази на Република Македонија. Оваа безидејност не смее да продолжи. Македонија мора да оди напред – со СДСМ тоа не е можно, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
