Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВМРО-ДПМНЕ не коментира судски одлуки, освен кога не им се во полза

ВМРО-ДПМНЕ не коментира судски одлуки, освен кога не им се во полза

ВМРО-ДПМНЕ го има најлицемерниот став околу работењето на судовите. Да потсетиме дека кога беа на власт секогаш кога јавноста вршеше притисок за одредена судска одлука за која се сметаше дека е неисправна, премногу строга или политички мотивирана кон тогашната опозијата, секогаш велеа дека не коментираат судски одлуки. Никола Груевски како премиер десетина пати го имаше повторувано истиот став дека тој како предводник на извршната власт може и да не се согласува со судските пресуди, но нема да ги коментира бидејќи не сака ниту да се меша во судската власт ниту да врши притисок. 

Сега, кога ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција, а Груевски е обвинет и за прв пат Апелациониот суд одлучи да ги прифати прислушкуваните разговори како докази тогаш веднаш се фрлаат дрва и камења кон судиите дека ете работеле неправедно, ги прифатиле притисоците однадвор кои биле вршени против нив и дека се води политички прогон. 

- Апелациониот суд вчера потклекна под политичкиот притисок на СДС, на медиумите под нивна контрола и СЈО, и донесе скандалозна одлука во спротивност со законот, изјави денеска пред Апелациониот суд Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа изјава да беше дадена од страна на СДСМ пред година две само со изменети имиња на партии и обвинити тогаш сосема нормално ВМРО-ДПМНЕ ќе тврдеше дека опозицијата врши притисок врз судиите и се меша во неговата работа. 

Судот не издржа на политичкиот притисок на СДС и не си ја исполни законската обврска судиите да одлучуваат само врз основ на Устав и закон – и никако поинаку. Судиите имаат обврска да бидат личности со интегритет и да не подлегнуваат под никаков притисок. Со вчерашната потполно нездраворазумска одлука судот најдиректно го прекрши законот за кривична постапка, кој во член 12 став 2 вели максимално јасно и прецизно дека:

- Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука“.

Со ова тврдење ВМРО-ДПМНЕ не само што генерално не се согласува со судската власт, туку врши притисок и за конкретен судски предмет што на некој начин е потежок вид на притисок. Секако, партиската реакција завршува со потенцијална закана дека кога тогаш „правдата ќе излегла на виделина“ и сите кои носат вакви одлуки ќе се соочат со последици кога ќе се сменела власта. 

Врв на лицемерието, а за дрскиот и заканувачки тон како и да нема никаква јавна одговорност бидејќи тешко е да се надмине таа навика создавана 11 години дека може се да ти пројде, особено кога зад себе имаш монструозна пропагандистичка машинерија која е подготвена се да смеле.

Автор: Христијан Станоевиќ


Слично

Поврзани вести