ВМРО-ДПМНЕ не го оправдува заминувањето на Груевски
Oд ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваат со самото заминување на нивниот поранешен лидер и поранешен премиер, Никола Груевски.
Велат дека тоа не е опција дури и кога сите знаат дека се работи за политички прогон.
„Така се загрозуваат и другите лица кои исто така се цел на тој прогон“, реагира денеска партискиот портпарол, Наум Стоилковски.
Тој изрази сомнеж дека премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски знаеле каде е Груевски.
„Тие имајќи ги во раце неограничените ресурси на државната безбедност и под едни вакви услови сакаат и уште сакаат лажно да прикажат дека не знаеја, или не знаат за движењето на Никола Груевски. Тоа е дилема која треба тие да ја одговорат“, рече Стоилковски.
Тој обвини дека „полициската опсада“ на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и претресувањето граѓани биле само „евтин политички театар“.
