ВМРО-ДПМНЕ не е за бојкотирање на пописот
Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, денеска пред медиумите рече дека најголемата опозициска партија нема да го бојкотира најавуваниот попис, туку дека настојува тој да се одложи.
Изјави дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не бил за бојкот на пописот. Според партискиот лидер, статистичката операција треба да се спроведе пролетта во 2022 година.
- Нашиот став е јасен. Попис треба да има пролетта во 2022 година, во март или април. До тогаш ќе имаме фингер принт терминали кои веќе ќе бидат искористени на локалните избори. Доколку сега сакаат, имаат можност да направат електронски попис со точност од 5 отсто, односно да попишат 95 отсто од населението, а само 5 отсто да го посетат, рече Мицкоски.
Тој смета дека ова ќе биде политички попис, политичка операција со „договорени проценти”, а не статистичка операција и дека треба да биде одложен „за да не се загрозува здравјето на граѓаните, или, пак, да се спроведе електронски попис, како и дека треба време за да се обучат и попишувачите”.
