ВМРО-ДПМНЕ не ја дава МРТ?
Костадин Костадинов, портпаролот на СДСМ, го обвини пратеникот Илија Димовски дека како претседател на собраниската комисијата за избори и именувања истата не ја звикува и ги кочи медиумските реформи за да ги спаси раководните лица и членовите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Македонската радио телевизија и Агенцијата за медиумски услуги.
„Со таквиот однос, веројатно, Димовски и ВМРО-ДПМНЕ се надеваат на партиски пазарења, кои се спротивни на целите на законот и кои, со сигурност нема да се случат. Очигледно единствена причина е зачувувањето на нивните партиски кадри во МРТВ и АВМУ, кои доведоа до катастрофалната состојба со медиумите во која беше нашата држава. Состојбата во МРТВ, е единствена критика од Извештајот на Европската комисија и обврска на сите е да се обезбеди независен и професионален Национален сервис“, рече Костадинов.
Пратеникот побара законот да се почитува и веднаш да се свика Комисијата за избори и именувања „затоа што мора да започне јавната и транспарентна постапка за избор на членови на Советот на АВМУ и Програмскиот совет на МРТ“.
Илија Димовски рече дека СДСМ не е господар во Собранието и дека прво треба „да има договор меѓу партиите“ но дека досега не добил никаков повратен контакт.
- Постапката која е предвидена во законот за овие две тела предвидува двотретинско мнозинство во комисијата, значи од 13 членови со право на глас, треба 9 да гласаат „За“ за сите поединечни предлози, а кога ќе дојде на пленарна седница треба двотретинско мнозинство и бадентерово мнозинство. Значи постапката е исклучително комплицирана и е сосема различна од сите постапки досега. Односот на СДСМ како кон оваа процедура така и кон се во државата сеуште е на ниво на еуфоријата на почетокот на нивниот мандат кога мислеа, а за жал сеуште мислат, дека се сопственици на Собранието и дека се сопственици на државата, вели тој.
