ВМРО-ДПМНЕ: На Заев поважен му е моторот отколку Пендаровски
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на првиот работен ден на новоизбраниот претседател на Македонија, Стево Пендаровски, испрати сооштение во кое вели дека тој ќе биде слеп послушник на премиерот Зоран Заев и владеачката коалиција предводена од СДСМ.
„Заев не мораше да биде физички присутен затоа што кога тој зборува, нема потреба Пендаровски да отвори уста. Возењето мотор е поважно од инаугурирањето на Пендаровски. Без разлика дали Пендаровски заслужил да стане претседател или не, давањето предност на возењето мотор е крајно непочитување и на државата и на институциите од страна на Заев. Зоран Заев избра уште еден слеп послушник и со изборен инжинеринг и контингенти договорени гласови го инсталираше на позицијата Претседател на Македонија“, се вели во соопштението на најголемата опозициска партија во Македонија.
Од таму велат дека Пендаровски нема да ја критикува власта и ќе биде најзин истомисленик.
„Впрочем Пендаровски е човек кој се фали дека е 102,5% ист со Зоран Заев. Истиот тој Пендаровски нема кажано збор осуда на криминалот, корупцијата и непотизмот на власта. Истиот тој Пендаровски молчеше и не ги осуди амнестиите на криминалот на неговиот ментор Зоран Заев. Истиот тој Пендаровски збор не кажа за отсуството на реформи во државата, поради кои најверојатно Македонија нема да добие датум за почеток на преговори“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
