ВМРО-ДПМНЕ на 23 декември ќе ја одреди својата иднина
Најголемата опозициска партија на 23 декември ќе го одржи Вонредниот конгрес на кој ќе се разговара за најавената оставка на Никола Груевски и доколку истата биде прифатена ќе се бира нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ по 15 години управување од страна на екс премиерот.
„Во согласност со статутот на партијата, извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одлучи да му предложи на централниот комитет на следната седница да почне процедура за организирање вонреден конгрес на партијата на 23 декември“, информираат од партијата.
Веднаш по завршувањето на маршот пред зградата на Владата вечерва, ВМРО-ДПМНЕ одржа седница на извршниот комитет, на која членовите на ИК најостро ги осудиле „политички монтираните обвиненија за тероризам и неоснованите притвори кои им беа изречени на партиски членови, уметници, актери и лица поврзани со настаните од 27 април“.
Веќе во јавноста се шпекулира кој ќе биде наследникот на Груевски, а како најсериозни кандидати се споменуваат Христијан Мицковски актуелен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски екс министерот за надворешни работи, уште еден поранешен прв дипломат Антонио Милошоски, Илија Димовски еден од најдолгогодишните пратеници, а помали шанси имаат Влатко Ѓорчев од конзервативната струја, како и бизнисменот Митко Јанчев кој е сега градоначалник на Кавадарци.
ВМРО-ДПМНЕ и натаму држи политичка тензија со обвинувања дека власта врши притосок и реваншизам преку покренатиот случај за 36 лица осомничени за насилствата во Собранието за што ќе продолжи да протестира.
„Злоупотребата на државните институции кои под политички притисок на власта упаѓаа во домови и ставаа лисици на пратеници е акт на терор и газење на демократијата. Извршниот комитет заклучи дека ваквото безумие од страна на СДС ја турка државата во уште подлабока криза и затоа мора да се преземат чекори со кои ќе се стави крај на политичкиот прогон и на политичкиот реваншизам“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
