ВМРО-ДПМНЕ му порача на Таравари да не се силел многу
ВМРО-ДПМНЕ возврати на вчерашните обвинувања на новиот министер за здравство Арбен Таравари против Никола Тодоров и најавата за укинување на различни проекти од претходната власт.
Само што помисливме врз основа на CV-то на Таравари ќе биде солиден министер кој ќе си ја гледа министерската и стручна работа, ние веќе гледаме разулавен националист кој едвај чека да влезе во конфликт по национални, етнички и партиски прашања, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Му порачуваме многу да не се сили, да не скока, да се приземји, да не дојде брзо време да го моли за нешто ВМРО-ДПМНЕ.
Очигледно нема доволно политичко искуство, па ако станал министер мисли дека вечно тоа и ќе биде, и веднаш ја покажува својата ароганција и ксенофобичност.
Можеби тоа ќе му се допадне на неговиот шеф кој се храни со националистички и шовинистички изјави и со говор на омраза, но сигурно не е добра препорака за мнозинството граѓани кои очекуваат од него да го подобри здравството со реформи, а не без да е предизвикан да се кара со политичките партии и да се однесува незрело.
Господинот Таравари се впиша како министер чија прва изјава е дека ќе руши реформи, наместо да спроведува реформи, како што најавуваа пред изборите.
Арбен Таравари да излезе од улогата на политички месија, и да се започне да работи тоа што е, и она за што зема плата од граѓаните, министер за здравство, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
