ВМРО-ДПМНЕ лани со најмногу пари, еве кој се донирал за партијата...
ВМРО-ДПМНЕ лани имала најмногу пари.
Рекордер меѓу политичките партии по собрани донации од 1 јануари до 31 декември 2016 година е ВМРО-ДПМНЕ. Партијата има собрано вкупно 1,88 милиони евра од членарини и донации од поединци и фирми. Ова е наведено во извештаите што вчера ги објави Државниот завод за ревизија.
Од вкупно регистрирани 5.880 уплаќачи, партијата инкасирала 115,55 милиони денари, односно 1,878 милиони евра. Уплаќале партиски функционери, функционери во државни институции и пратеници.
На листата се и Борис Дамовски, еден од организаторите на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија, кој уплатил 91.000 денари, аналитичарот Александар Пандов донирал 30.000 денари, Александар Даштевски 13.000 денари, лидерот на партијата Никола Груевски донирал 30.000 денари, пратеникот Антонио Милошоски 20.000 денари, министерот Никола Попоски 40.000 денари и други.
За СДСМ во 2016 година пари уплатиле 698 донатори, главно поединци, но и фирми.
За ДУИ во 2016 година членарина платиле или донирале 74 физички лица, но и фирми.
БЕСА имала 110 донатори, од кои најмногу пари дал лидерот Билал Касами, 4.500 евра.
За НСДП пари добиле само од Министерството за правда, и тоа 1.513.163 денари, односно 24.600 евра.
Демократски сојуз на Павле Трајанов лани имал 177 донатори или вкупно 788.338 денари.
Во Либералната партија донирале само двајца, поранешниот и сегашниот претседател на партијата. Стојан Андов дал 36.000 денари, а Ивон Величковски 215.000 денари.
Во ГРОМ на Стевчо Јакимовски се уплатени 98.230 денари. Во Левица донирале 35 лица, а во ЛДП – 12 донатори или 2.863.000 денари.
Другите десетина партии го известиле Државниот ревизор дека немале донации во 2016 година.
