ВМРО-ДПМНЕ: Конфузната изјава на Димитров ги подрива тешко градените позиции во спорот
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека една конфузна и незрела изјава на новиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, во „Фајненшл тајмс“, предизвика лавина реакции во меѓународните медиуми кои сериозно ги подриваат тешко градените позиции во спорот со Грција.
Во партиското соопштение се наведува дека „Фајненшл тајмс“, „Гардијан“ и „Тагесцајтунг“ се само дел од влијателните светски медиуми што пишуваа дека Македонија е подготвена и размислува за промена на името.
„Истите позиции ги пренесуваат и други весници, а сето тоа се злоупотребува од нашите соседи. Бугарскиот историчар Божидар Димитров срамно лицитира со имиња од типот „југозападна Бугарија“, а СДС упорно молчи наместо да ги штити угледот и честа на македонскиот народ и држава“- се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека сега затоа што ги води Владата и Министерството за надворешни работи, СДСМ има обврска да се бори и да го брани македонскиот идентитет.
Инаку „Фајненшл тајмс“ по дадена изјава на Димитров објави наслов кој ја разбранува јавноста, а потоа го коригираше насловот на текстот.
