ВМРО-ДПМНЕ ќе протестира во Скопје, Велес, Охрид, Куманово, Прилеп, Штип и Битола
ВМРО-ДПМНЕ утре ќе протестира во седум градови низ Maкедонија.
Ќе протестираат на тема „криминалот, корупцијата, неправдите и прогонот“.
Протестите се закажани за 18:30 во Скопје, Велес, Охрид, Куманово, Прилеп, Штип и Битола. Протестите ќе се одржуваат со возила.
„Македонија стана земја на криминалци, мафијаши на власт и неправда. Има за врхушката на власт, а нема за народот. Прогонот на политички неистомисленици стана секојдневие од страна на власта, која пак го прикрива стравот од казната која им следи од народот. Криминалот и корупцијата на власта се сериозни проблеми со кои се соочува државата, а вмешаноста во корупциски скандали и афери на луѓе од власта и блиски до Заев стана нормалност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ во најавата за протестите.
Протестот со возила на територија на Град Скопје ќе започне од СЦ Јане Сандански, па се до Владата.
Оваа есен партијата организираше повеќе протести против криминалот, поскапувањето на струјата, злоупотребата на европските пари, и за одбрана на ликот на Гоце Делчев.
