ВМРО-ДПМНЕ ќе го затрупа Собранието со интерпелациски расправи пред избори
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ поднесоа досега четири интерпелации за министрите на Владата, па во наредниот период се очекува серија на жестоки собраниски расправи кои повеќе ќе бидат користени за политички докажувања на опозицијата бидејќи реално немаат доволно гласови за да извршат смена на министрите на СДСМ.
Според Деловникот на Собранието субјектот на кого му е поставена интерпелацијата има право да достави писмен одговор на поставената интерпелација до претседателот на Собранието, најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на интерпелацијата. Интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, по истекот на 15 дена од денот на доставувањето на одговорот до пратениците.
Ако одговорот не се поднесе во рокот утврден во членот 46 на овој деловник, интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието.
Тоа значи дека кон крајот на август ќе започнат првите седници за потенцијална одговорност на членовите на владата.
Право да ја образложи интерпелацијата на седница на Собранието има еден од пратениците што ја поднеле интерпелацијата, во траење од 20 минути. Исто така и субјектот на кого му е поставена интерпелацијата се поканува на седница и има право да го образложи својот писмен одговор или да даде устен одговор на поставената интерпелација, во траење од 20 минути.
Претресот по интерпелацијата трае еден работен ден до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до 24,00 часот.
Интерпелации се поднесени за министрите Љупчо Николовски од земјоделие, Никола Димитров од надворешни работи, Драган Тевдовски од финансии и Мила Царовска од труд и социјална политика. ВМРО-ДПМНЕ како главни точки на фокусот на нападите врз владата ги постави на договорот со Бугарија, ребалансот на буџетот, лошото справување со огнените стихии и предложената стратегија за мигранти. Како што се доближува датумот на локалните избори и стартот на кампањата ваквиот настап во Собранието ќе и овозможи на опозицијата одлична платформа да ги детектира слабите точки на Владата и со тоа да стекне голем политички капитал.
Автор: Христијан Станоевиќ