Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВМРО-ДПМНЕ ќе го враќа рамниот данок, но тој е веќе вратен од сегашната власт

ВМРО-ДПМНЕ ќе го враќа рамниот данок, но тој е веќе вратен од сегашната власт

Едно од ветувањата што ги даде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е дека кога ќе ја освои победата на вонредните избори на 12 април и ќе формира Влада, ќе го врати рамниот данок. 

Планира и стапката да ја намалува сукцескивно секоја година по половина процент, како што рече пред партиските членови.

„Враќање на рамниот данок и сукцесивно намалување по половина процент секоја година - повеќе од милијарда денари назад во бизнисот, па повелете инвестирајте за развој на Македонија и развој на вашиот бизнис. Вработувајте луѓе, а во нас ќе имате пријатели, никој нема да ве уценува, никој нема да ве рекетира, а за секој таков случај, мојот телефон ви стои на располагање. Пријавете го за неправдата. Нема компромис колку и да е близок, колку и да бил тој човек со мене. Ослободете се , инвестирајте, креирајте работни места за овој народ, за македонскиот народ  и граѓаните на Македонија“, рече Мицкоски на Собирот обновта доаѓа.

Но, интересно е што уште пред да добие шанса лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да го врати рамното даночење, тоа веќе го сторија сегашните власти.

Откако од почетокот на годинава Владата стартуваше со прогресивниот данок, или примена и на втора даночна стапка од 18 отсто за заработувачките над 1.500 евра, таа доживеа бројни критики и од бизнисмените, но и од младите фриленсери, главно програмери, чии заработки се повисоки и беа на удар на повисоката стапка.

Затоа Владата реши да го „замрзне“ на три години прогресивниот данок, со образложение дека тој не донел баш толку добри приходи како што се очекувало, а ја поттикнал сивата економија и селење на бизнисите надвор од земјава.

Ќе се прават нови анализи допрва, кои треба да покажат дали и во каква форма ќе се воведе прогресивно оданочување после три години.

Со еден збор, рамниот данок е вратен веќе од стартот на идната година, уште пред тоа да го стори Мицкоски.

Слично

Поврзани вести