ВМРО-ДПМНЕ: Ќе го пронајдеме тој што ја запали куќата на Пандов
ВМРО-ДПМНЕ се огласи со порака дека ќе бидат пронајдени потпалувачите на куќата во Зелениково на Александар Пандов, директорот на Управата за извршување санкции под чија надлежност е управувањето со затворите и притворите во земјата.
„Најостро го осудуваме палењето на куќата на директорот на управата за извршување санкции Александар Пандов и повикуваме на итна и брз реакција од страна на институциите.
Овој чин е обид за заплашување и замолчување на Пандов бидејќи изминатиот период јавно говореше за сите криминални дејствија што се случувале, а за кои тогашната власт и раководство се обиделе да ги затскријат.
Пандов е мета на напад бидејќи застана во отворена борба против криминалот и корупцијата.
Криминалците повеќе немаат заштита од страна на власта. За ваквото девијантно однесување мора да има казна.
Времето на палење куќи, автомобили, уцени и закани заврши, за секој одговорен и инволвиран во вакви настани ќе следува одговорност. Правда мора да има!“, порача владеачката партија.
Веста беше објавена синоќа од самиот Пандов, кој постираше видео на социјалните мрежи и побара од институциите да ги најдат виновнциите.
„Ова е данокот за нашата борба за владеење на правото без калкулации. Ова е цената за удирањето по мафијата! Домот ми беше запален, и имам основано сомневање дека станува збор за смислен атак на криминалците!“, напиша Пандов.
