ВМРО-ДПМНЕ ја обвини Владата дека чекале месеци да ја расчистат депонијата во Струга
Задоцената ли е одлуката на Владата на Република Македонија дури сега да се дислоцира сметот од дивата депонија во Струга која со месеци предизвикуваше огромни еколошки проблеми со ширење на тешка реа и потенцијални зарази.

- Несериозно и неодговорно е Владата после повеќе од два месеци, откако секојдневно граѓаните на Струга се гушеа од запалената дива депонија, да донесе одлука за итно решавање на овој сериозен проблем. Владата на Република Македонија дозволи два месеци дивата депонија во Струга да ги гуши стружани, да нанесе огромна штета врз здравјето на граѓаните, врз животната средина и да ја уништи туристичката сезона во овој регион, а сега после сите штети кои настанаа најавува итно решавање на проблемот, истакнуваат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму наведуваат дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ уште на 15.06.2017 поднеле Информација за состојбата со дивата депонија во Струга и побарале итна седница на која требало да се дискутура за овој акутен проблем и конечно да се реши.
– Ваквата седница не беше закажана, а со тоа не ни се дозволи како претставници на граѓаните да придонесеме за побрзо и итно решавање на проблемот со дивата депонија во Струга. Доколку се одржеше оваа седница, се дебатираше за овој проблем и се донесоа конкретни заклучоци, проблем ќе беше решен многу порано, појаснуваат од пратеничката група.
Според нив, штетите кои што настанаа поради проблемот со дивата депонија во Струга се орогомни и ненадомесливи и недозволиво и несериозно е Владата на Република Македонија после два месеци да најавува итно решение на вака сериозен проблем.
Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја повикуваат Владата на Република Македонија наместо да се занимава со партиски вработувња, да се фокусира на решавање на проблемите на граѓаните.
