ВМРО-ДПМНЕ ја објави аферата „Броило“: АЕ Солар ќе произведува панели за ФЕЦ Осломеј
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, ја објави аферата „Броило“, во која се тврди дека Пиксел груп, основана од премиерот Димитар Ковачевски а сега во единствена сопственост на неговиот кум Горанчо Паунов, ќе инкасира 26 милиони евра од монополизација на пазарот со фотоволтаични панели.
„Аферата броило зазема димензии од десетици милиони евра, кога пред месец и половина, Пиксел груп најави дека влегува во фаза на инвестиција во фабрика за производство на соларни панели во индустриската зона во Тетово, во вредност од 54 милиони евра. Ова е зона во која инвеститорите имаат даночни и царински ослободувања, а според написите во медиумите се очекува да потпишаат и договор за државна помош, истакна Лефковна прес-конференција и додаде:
Фирмата е регистрирана под името АЕ Солар АД Тетово, како заедничка на Пиксел груп која поседува 40%, и 60% поседува фирма од Бугарија. Горанчо Паунов, кумот на премиерот Димитар Ковачевски веќе е поставен како еден од двајцата извршни директори на АЕ Солар АД Тетово. Инвестицијата на Пиксел груп треба да биде 21.6 милиони евра, соодветно на процентот на учество.
Со тоа, Ковачевски како премиер, ќе му потпише договор за државна помош, на кумот Горанчо Паунов како извршен директор на фирмата, во која 40% од сопственоста е на Пиксел груп, основана заедно со Ковачевски!
И сето ова се случува во период откако друга бугарска фирма најави инвестиција во ФЕЦ Осломеј, каде државата е партнер со 18.5%. А за која инвестиција бугарската фирма партнер на Пиксел груп се пофали на нивната интернет страница. Па оттука се поставува прашањето дали панелите произведени во фабриката во Тетово ќе завршат во ФЕЦ Осломеј, каде државата е застапена со 18.5%? И каква е улогата на Ковачевски кој се јавува како основач на фирмата која е во кругот на бизнис интересите од оваа шема, но сега и како премиер?
И второ, дали со фабриката во Тетово, во која Пиксел груп основана од Ковачевски е сопственик ќе се монополизира пазарот на производство и продажба на фотоволтаични панели?“, објави Лефков.
