ВМРО-ДПМНЕ: Институциите да не приведуваат недолжни луѓе без докази
Партијата на Никола Груевски ги повикува институциите да не приведуваат недолжни луѓе а од министерот Нухиу бараат „да не врши притисок на вработените во министерството по секоја цена да апсат што повеќе луѓе без основ“.
Од ВМРО ДПМНЕ велат дека до нив стигнале информации дека се приведени луѓе кои не сториле никакво насилство или кривично дело.
„Треба да се разграничи неколкучасовно влегување на граѓани во парламентот, во народниот парламент, заради насобран револт и гнев од предавничките, антидржавни и кукавички политики на СДС, од нанесувањето тешки телесни повреди“, посочуваат од ВМРО ДПМНЕ.
Тие потенцираат дека „МВР и обвинителството треба да се свесни дека за да некого приведат или изнесат пред суд, треба да имаат цврсти докази за сторено кривично дело“.
За ВМРО ДПМНЕ и денеска СДСМ го предизвикала народниот бунт која незаконски и противуставно велат дека избрала претседател на парламентот.
