Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВМРО ДПМНЕ и СДСМ во трка за изградба на автопати

ВМРО ДПМНЕ и СДСМ во трка за изградба на автопати
Два нови автопати се дел од економската програма на опозициската СДСМ. Доколку дојде на власт, партијата ветува изградба на нов автопат Велес-Прилеп-Битола, како и автопат по должината на Коридорот 8 - од границата со Бугарија до онаа со Албанија. Трасата по која ќе минува овој автопат ќе се одреди дополнително, согласно анализите, вели партискиот потпретседател Дамјан Манчевски. Тој денеска ја критикуваше Владата за започнатата изградба на двата нови автопати Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, со образложение дека овие патишта требало да бидат изградени уште одамна со парите потрошени за проектот Скопје 2014-та.
„Овие 500 милиони евра, пари на граѓаните, наместо за споменици и музеи, требаше да се искористат токму за изградба на автопатиштата Скопје – Штип и Кичево – Охрид. Со тоа ќе се избегнеше дополнително задолжување на државата, а воедно повторно ќе беше ангажирана градежната оператива“, рече Манчевски.
За ВМРО-ДПМНЕ, пак, започнатите автопати се клучни инфраструктурни проекти. Изградбата на автопатот Миладиновци – Штип е најголемиот, најкапиталниот и најзначајниот проект во источна Македонија, оцени денеска партијата.
„Со овој автопат ќе се овозможи брза комуникација и транспорт на производите од источна Македонија, подобрување на економската конкурентност, како и развој на туризмот во источниот дел на земјава. Исто така битно е да се спомене дека за стигнување од Штип до главниот град ќе бидат потребни само 30 минути што значително го намалува времетраењето за возење“, вели пратеникот на владејачката партија. Трајчо Димков.
Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ има намера да покренува и нови инфраструктурни проекти.  
Слично

Поврзани вести