ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ отворија уште еден фронт: Владеачката партија заплашува, Мицкоски да повика на вакцинирање
СДСМ ги заплашува и дискриминира граѓаните, смета ВМРО-ДПМНЕ во денешната реакција за владината одлука да се ограничи движењето на невакцинираните граѓани, додека пак владеачката партија побара од лидерот на опозициската, Христијан Мицкоски, да ги повика граѓаните да излезат и да се имунизираат.
„Не се справија со ниту еден бран од корона вирусот, а сега на праг на четвртиот бран и наместо да понудат решенија, тие заплашуваат и дискриминираат.
За СДСМ сега постојат само вакцинирани граѓани, ги избришаа и оние кои минуваа голгота во текот на лечењето, а имаат антитела.
Погрешната здравствена политика, поточно немањето здравствена политика ја доведе земјава уште од стартот на појавата на корона високо на листите на починати или досега повеќе од 5.500 починати само во земјава, а високо котира на светските ранг листи по бројот на починати. “, реагира денеска ВМРО-ДПМНЕ.
„Теориите на заговор и дезинформациските кампањи кои ги пласираат разни центри, кои ги одвраќаат луѓето од имунизацијата и создаваат недоверба кон науката и медицината се на штета на граѓаните.
Затоа, да бидеме одговорни кон себе и кон другите и да дадеме свој придонес во оваа борба која е заедничка за целиот свет.
Новите мерки се донесени исклучиво во насока на заштита на јавното и колективното здравје кои се наш приоритет.
Нивната цел не е да го „делат народот” како што неодговорно вели Христијан Мицкоски, туку се неопходни за заштита на граѓаните, здравствените работници и самиот здравствен систем.
Мицкоски останува политички и здравствен пироман се додека седи настрана, се додека го гледаме во кафани и теретани и ја игнорира маката на народот.
Наместо да го поткопува здравствениот систем, Мицкоски треба да излезе и да ги повика граѓаните да се вакцинираат и да ги почитуваат мерките“, смета Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во дел од своето соопштение.
