ВМРО-ДПМНЕ и денес лути на власта за Законот за двојазичност
Одговорност за шверцескиот начин на кој СДСМ го објави Законот за двојазичност мора да има. Законот за двојазичност е штетен и ќе има несогледливи последици по Република Македонија, предупредуваат денеска од опозициската ВМРО ДПМНЕ.
Од партијата на Христијан Мицкоски посочуваат дека „законот беше изгласан насилнички и недемократски и на ист таков начин беше објавен во Службениот весник без потпис на претседателот Иванов, спротивно на Уставот, Законите надвор од сите процедури“.
Потсетуваат дека „токму поради оваа причина ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривични пријави против Талат Џафери, Неџбели Ибраими и Мартин Костовски, поради основано сомнение дека извршиле кривични дела „Злоупотреба на службената должност и овластување“ по член 353, „Злосторничко здружување“ по чл.394 и „Саботажа“ по чл.315 од КЗ“.
Правната држава и владеењето на правото се основните постулати на една демократска држава, додаваат од таму потенцирајќи дека „јавното обвинителство мора да се ослободи од политичките притисоци и веднаш да постапи по овие кривични пријави, а доколку не постапи станува соучесник во целиот процес“.
