ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните не се робови на СДС, па од нивните пари да ги полнат џебовите на Анѓушев
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека одлуката на Владата за ослободување од царина за увоз на електрични литиум-јонски акумулатори е наменска и служи единствено за задоволување на бизнис-потребите на Кочо Анѓушев.
Додаваат дека фирмата на Анѓушев е единствена фирма што користи ваков тип акумулатори. Ова е одлука за богатење на хунтата на СДС, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните не се робови на СДС, па од нивните пари да ги полнат џебовите на Анѓушев, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
„Значи, СДС донесе одлука да го полни буџетот од граѓаните преку зголемената акциза за нафтата, но да го празни преку ослободување од царина на производ што го прават фирмите на Анѓушев. Фирмата на Анѓушев ги користи овие акумулатори за вградување во специјалните моторни возила за чистење улици и патишта. Имено, како што објавија медиумите, фирмата на Анѓушев добила нарачка за производство на 35 вакви возила, па одлуката на Владата оди во пресрет на зголемување на профитот на мултимилионерот Анѓушев“- велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека скандалозно е што Владата, наместо да работи за граѓаните, таа работи за зголемување на профитот на Кочо Анѓушев.
