ВМРО-ДПМНЕ ги брани новинарите - Осуда за заканите врз Селмани
ВМРО-ДПМНЕ како партија во опозиција побара заштита на медиумските работници откако Насер Селмани, претседателот на ЗНМ добил закани од братот на Бекир Асани, функционерот на ДУИ кој стана злоогласен во јавноста по инцидентот за непрописно паркирано возило во Чаир.
-ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудува заканите кои му биле упатувани на претседателот на ЗНМ, Насер Селмани. Со жалење констатираме дека ваквите појави се последица на инертноста и неодговорноста на МВР која наместо соодветно да ги санкционира политичките насилници, ги заштитува и ги забошотува случаите на насилство и закани, се вели во партиската реакција.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека сторителите се добро познати, ама Оливер Спасовски, Владата на СДСМ и надлежните институции се прават слепи при очи и глуви при уши.
-ВМРО-ДПМНЕ принципиелно бара да се санкционира секој облик на закани и насилства, особено кон новинарите и медиумите, кои до ден денес власта на СДСМ не ги процесуирала. Ваквото однесување на структурите на СДСМ само покажуваат за какво лицемерие се работи и нивната неподготвеност да се спотивстават на подземјето, политичките насилници и криминалци кои поради блискоста со владеачката партија се чувствуваат недопирливи во нивното тероризирање на граѓаните во Македонија, нагласуваат од партијата.
