Економија, финансии, бизнис

Контакт

ВМРО-ДПМНЕ демантира дека Мицкоски дал поддршка за „Бехтел и Енка“

ВМРО-ДПМНЕ демантира дека Мицкоски дал поддршка за „Бехтел и Енка“

ВМРО-ДПМНЕ демантира дека лидерот Христијан Мицкоски дал поддршка за специјалниот закон со кој на „Бехтел и Енка“ им се даде ексклузивно право без тендер да ги градат четирите автопати од Коридорите 8 и 10д. Првиот вицепрмеиер Артан Груби вчера во интервју за „Инфомакс“ рече дека власта имала бланко поддршка од претседателот на опозициската партија за озаконувањето на соработката со американско-турскиот конзорциум.

„Факт е дека Груби и Ковачевски се во специфична состојба, бидејќи секој ден излегуваат детали од штетниот договор за државата и граѓаните, кој го прифатиле и потпишале, а за кој постои основано сомневање дека е историски криминален. Оттука, тие сега се трудат да ги растурат пердувите и со невистини да ги инволвираат сите кои жестоко се борат против и го разобличуваат тој криминал. Тоа што до вчера го прикажуваа како историски процес, сега стана историски криминал. И ние лагите на Груби и Ковачевски нема да ги коментираме, туку ќе се бориме против нивниот криминал за што ќе има и одговорност многу брзо“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Специјалниот закон за Бехтел и Енка како стратешки парнер беше донесен на 15-ти јули, усвоен со 55 гласови „за“ од 101 присутни пратеници, без „воздржани“ и „против“, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ одлучи воопшто да не гласа.

„Опозицијата беше поканета да учествува во преговорите, беше поканета да биде член во Управувачкиот комитет. И ако ја видите одлуката, празно место останува. Тогаш ни кажаа - ‘терајте си ја таа работа, ви дадовме ние наша поддршка при усвојувањето на законот во Собранието, толку од нас, истерајте си ја оваа работа'. Баш буквално со овие зборови“, изјави Груби.

Тоа беше аргумент и во одговорот од Кабинетот на претседателот Пендаровски, по повикот од Државната комисија за спречување корупција и од невладини организации да не го потпишува Указот за прогласување на тој Закон.

„Законот е донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник, или пратеничка група не гласале против. Сите институции и поединци кои имаат сомневања во однос на уставноста на Законот, можат да се обратат до Уставниот суд кој е единствена надлежна институција за оценка на уставноста на законите и другите општи акти“, беше наведено во соопштението на претседателскиот кабинет.


Слично

Поврзани вести