ВМРО-ДПМНЕ: Дамјановски да не го поврзува инцидентот со знамето со нас
Од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ упатија остра осуда за вчерашниот инцидент кога неколку лица, дрско и без почит, го симнаа македонското знаме во центарот на Куманово и поставија знаме на друга држава.

„Овој антидржавен чин претставува длабоко кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија. Вчера беше погазено достоинството на граѓаните, беа длабоко повредени чувставата на сите кои ја доживуваат Република Македонија како своја татковина. Ваквото неодговорно однесување кое има за цел понижување на народот, директно задира во соживотот и во напорите за градење на мултикултурно општество, каде сите Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци и останатите, ќе живејат во хармонија, поткрепена со взаемно разбирање и почитување“ - изјави Драган Петковски, претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој се надева дека ваквиот инцидент се случува за прв и последен пат во Куманово и ги повика градоначалникот Зоран Дамјановски и СДСМ да не го злоупотребуваат за политички цели.
„Го повикуваме градоначалникот и општинската организација на СДСМ да не го злоупотребува овој немил настан, за да поентира, со тоа што инцидентот ќе го поврзе со ВМРО-ДПМНЕ и конечно да заземе граѓански пристап, а не потајно да фаворизира проекти за суштинска и симболична етнизација на градот, која беше незамислива до пред тој да стане градоначалник. Безбедноста, сигурноста и заедничкиот живот се многу поважни од тесноградите интереси на градоначалникот и СДСМ, кои ги реализираат на најбрутален начин преку манипулација со граѓаните, промовирајќи антимакедонски платформи и претставувајќи се себеси за миротворци, а останатите посебно ВМРО- ДПМНЕ за проблем во општеството“ - додаде Петковски.
ВМРО-ДПМНЕ очекува и општина Куманово на седница да го осуди инцидентот.
