ВМРО-ДПМНЕ: Битиќи да каже зошто чувал класифицирани информации во домашен сеф
Откако поранешниот вицепремиер за економски прашања од редовите на СДСМ, Фатмир Битиќи, потврди дека од неговиот дом во Бутел бил украден сеф со класифицирани информации, денеска од ВМРО-ДПМНЕ го прозваа да каже зошто пренесувал тајни документи на свој личен имот.
Кои се тие класифицирани информации што му се украдени и како се нашле во негов посед – е прашањето што владејачката ВМРО-ДПМНЕ го упати денеска до пратеникот од СДСМ Фатмир Битиќи откако пред неколку дена имаше информација дека крадци упаднале во неговиот дом.
Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција побара одговор и за тоа дали станува збор за највисоки државни тајни и како и зошто истиот тој ги чувал во својот дом.
„Фатмир Битиќи во изјава за медиуми во врска со грабежот во неговиот дом кажа дека му е одземена папка со класифицирани документи. Државните функционери немаат право да ги изнесуваат државните тајни и класифицирани документи од институциите во кои тие се наоѓаат и каде се заштитени“, рече Манасиевски.
Тој побара од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и од пратеникот Битиќи да ги известат органите за каков вид на документи станува збор.
Од МВР потврдија дека се случила кражба, но не прецизираа што било украдено.
