ВМРО-ДПМНЕ бара Рускоска да истражи дали Сулејман Реџепи му помогнал на Пендаровски да победи на избори
ВМРО-ДПМНЕ бара од обвинителката за организиран криминал Вилма Рискоска да отвори случај по допрен глас за изборна измама, односно дали македонскиот претседател Стево Пендаровски со помош на поранешниот реис Сулејман Реџепи ја злоупотребил Исламската верска заедница за победа на изборите минатата година.
Реакцијата на најголемата опозициска партија следува откако Реџепи изјави дека од СДСМ и ДУИ го молеле, па затоа им помогнал во изборот на Пендаровски на претседателските избори во 2019 година.
– Обвинителството раководено од Рускоска да престане да му слугува на измамникот Зоран Заев и по допрен глас да го изведе пред лицето на правдата, заедно со неговите соучесници кои шурувале на повреда на слободната волја на гласачите за да биде избран Стево Пендаровски.Измамниците на слободната гласачка волја и прекршителите на Уставот на Република Македонија мора да одговараат – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму сметаат дека Стево Пендаровски бидејќи не победил на изборите треба да се им се извини на сите граѓани, да им објасни зошто неговата победа била победа на поранешниот реиз Сулејман Реџепи и да понесе одговорност.
Реџепи рече дека благодарение на неговата интервенција и повик до муслиманите, Стево Пендаровски е избран за претседател и дека тоа му го признал и самиот Стево. „Ова е твоја победа, не моја“, му рекол Пендаровски на тогашниот Реис на ИВЗ, Сулејман Реџепи.
-Миле Зечевиќ од СДСМ, преставник на Зоран Заев и преставник на ДУИ беше Изет Меџити кои ме молеа да ги примам на состанок. Јас да ги примам на состаник, ама каде? Каде сакаш ти. Не, јас им реков каде сакате вие, нема потреба од молба. Тие се луѓе што преставуваат сериозни субјекти. Важно е што јас прифатив, дојдов во Дом на пратеници, побараа од мене да ги помогнам со апел за изборот за преседател на Стево Пендаровски. Два Пендаровци, двајца Стевовци можеа да се изберат со тие гласови со кои интервенирав јас. Јас ја повикам мојата популација, моите муслимани и тоа даде резултат и самиот Стево Пендаровски ми има кажано, ова е твоја победа не моја, рече Реџепи во гостувањето во Тв21.
Кабинетот на Претседателот експресно ја демантираше изјавата на поранешниот поглавар на ИВЗ. Од таму велат дека шефот на државата ниту пред, ниту непосредно по изборите, имал било каква директна или индиректна комуникација и дека наводите на Реџепи се целосно измислени.
„Претседателот Пендаровски е избран на легитимен и легален начин, на фер и демократски избори, што е потврдено во сите извештаи на ОБСЕ/ОДИХР. Сметаме дека ваквите изјави од страна на Сулејман Реџепи се крајно несериозни и недолични, имајќи ја предвид неговата поранешна улога во Исламската верска заедница“, гласи реакцијата од Кабинетот на Пендаровски.
