ВМРО-ДПМНЕ бара Ковачевски да го разреши Азири кој се закани со кршење на раце и нозе
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ достави барање до премиерот Димитар Ковачевски за итно разрешување на државниот секретар во Министерството за култура, Валмир Азири, кој повика на насилство врз пратеникот Антонио Милошоски.
Тој во објава на Фејсбук, спомена кршење на раце и нозе.
„Овој владин функционер вчера повикуваше на физичко насилство со нанесување на тешки телесни повреди и ова е кривично дело според членот 394-г од Кривичниот законик, дело со кое што се предвидува казна затвор од една до пет години. Токму поради тоа и поради сериозноста на овој инцидент, а и траорноста на вчерашниот ден за демократијата во Република Македонија, дојдовме и лично го поднесовме барањето за остра реакција од претседателот на Владата Димитар Ковачевски, од кој што се бара брза реакција бидејќи само на тој начин ќе покаже дека е противник на повиците за физичко насилство врз народните избраници и ќе упати силна порака до сите дека ова повеќе не смее да се повтори“, изјави координаторот Никола Мицевски.
Во спротивно, како што рече, „доколку одлучи да молчи, само ќе докаже и покаже дека охрабрува и дека одобрува секаков вид на насилство и насилничко однесување“.
Пратеникот Антонио Милошоски во полициската станица Центар во Скопје пред надлежен началник го пријави функционерот на ДУИ Вaлмир Азири, државен секретар во Министерството за култура, за синоќа искажаните закани за физичко насилство кон Милошоски.