ВМРО-ДПМНЕ: Летање со дронови со знамиња од мапата на голема Албанија е дел од Тиранската Платформа
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека летање со дронови со знамиња од мапата на голема Албанија е дел од Тиранската Платформа.
Творците на платформата се надеваат дека на тој начин ќе му порачаат на македонскиот народ што го очекува, додаваат од партијата.
„Еден од реализаторите на Тиранската Платформа е и Зоран Заев. Затоа криминалецот и предавник Заев, навива против Македонија со балистите и нема храброст да ги осуди инцидентите насочени против македонскиот идентитет и суверенитет. По симнувањето на македонското знаме од јарболот во центарот на Куманово, вчера на фудбалски натпревар помеѓу Вардар и Шкупи во скопски Чаир се развиори знамето на голема Албанија. Аболицираниот криминалец Зоран Заев упорно продолжува да ги брани антимакедонските изјави на Зијадин Села, Еди Рама, Хашим Тачи, Дитмир Бушати и Месила Дода. Овој човек продолжува свесно Македонија да ја турка кон федерализација. Заев со своите помошници од криминогениот СДС со цел да се спасат од криминалите прифаќаат: двојазичност, промена на знаме, химна и грб, промена на името по грчки терк и федерализација на државата. Тие на коцка ги ставија националните и државните интереси на Република Македонија само да си ја спасат кожата. Аболицираниот криминалец Зоран Заев и криминогениот СДС се главен поттикнувач на „Големо Албанските“ апетити во Македонија и во регионот“ - велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Сметаат дека македонскиот народ одамна ги прочита криминалците од СДС и секој ден излегува и им порачува дека местото им е во затвор. Велат Македонија нема да стане бинационална држава само за да се спаси СДС од затвор. Според нив, Македонија ќе остане унитарна и мултиетничка држава.
