ВМРО - ДПМНЕ со обвинувања за Богдановиќ, тој вели дека ги боли успешното менаџирање
Директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Саша Богдановиќ реагираше на нападите на ВМРО-ДПМНЕ дека ПОЦ станал симбол на хаосот и партиските вработувања.
Тој вели дека нив ги боли успешното менаџирање.
„Се согласувам дека најважни работи во една урбанизирана општина како Центар се: хигиената, како се трошат јавните пари и паркингот и затоа би сакал јавно да Ве информирам дека за хигиената на јавните паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар се грижат вработени во општината кои секојдневно ги чистат и одржуваат и со цел да се зголеми одржливоста на хигиената и чистотата на 04.09.2017 година распишавме објава за јавна набавка на машини за чистење на паркиралишта. ЈП Паркинзи на Општина Центар е единственто јавно претпријатие на Балканот кое има воведено бесплатен паркинг и бидејќи толку добро се разбирате од оваа тематика тогаш тоа лесно можете да го проверите во соседните земји. Од денот кога бев назначен за директор на претпријатието, паркиралиштата со кои стопанисува ЈП ПОЦ се бесплатни за сите жители на Општина Центар, што не беше случај додека менаџираше раководството назначено од Вашата партија. Освен за жителите, овозможивме бесплатен паркинг и за лицата со инвалидитет, лицата кои се грижат за жителите кои имаат потреба од нега, новинарите, сопствениците на хибридни возила, но направивме и одлични поволности за спортистите, вработените во компании кои се на територија на општина Центар и гостите кои доаѓаат во посета на нашите жители. И почитувана г-ѓо Мирческа веќе ги прашавме жителите на Центар, 78,1% од граѓаните се целосно задоволни од работата на ЈП ПОЦ, а 65,9% сметаат дека ЈП ПОЦ треба целосно да ја преземе контролата на паркинг местата во Општина Центар. Токму овие резултати ја демантираат Вашата манипулативност“- реагира Богдановиќ.
Што се однесува до партиските вработувања, Богдановиќ потсетува за документите што беа доставени со потписи и печати кои ги објавија јавно во медиумите, за работните позиции кои се доделувале преку списоци на кандидати кои аплицирале за работни места во штабовите на ВМРО. Тој вели дека за разлика од работењето на ВМРО-ДПМНЕ, сите вработени во ЈП ПОЦ се со адекватни дипломи и се високо квалификувани за својата позиција, а воедно се и примени по регуларен пат, преку конкурс кој беше јавно објавен во дневните весници. Богдановиќ вели дека не избркал од работа луѓе кои не мислат како него.
Ако ги прашате жителите на Центар што е подобрено во однос на паркирањето во оваа општина верувајте дека нема да знаат да посочат, обвини денеска Јована Мирческа од ВМРО-ДПМНЕ.
„Богдановиќ го направи ПОЦ да биде бесмислено претпријатие. Наместо да биде симбол на среденост и посветеност, ПОЦ стана симбол на хаосот и партиските вработувања. Мисијата што требаше да ја има ПОЦ на чело со Богдановиќ одамна се изгуби. Целта му е да прави што е можно поголема наплата, па макар тоа биле неуредно паркирани автомобили на необележани места се со цел да ја исполни неговата партиска агенда. Граѓаните на Центар не се ни глуви ни слепи. Тие ги гледаат овие работи и знаат да одберат што е најдобро за нивната општина. Неспособнота, партизираноста, неработењето се главните одлики на Саша Богдановиќ и затоа Центарци ќе го казнат на 15-ти октомври“- нагласува Мирческа.
Се поставува прашањето, вели таа, што направил Богдановиќ во овие 4 години освен што безмилосно го цеди ПОЦ.
